Третман на заболена гингива (GINGIVITIS или PARODONTITIS)
Болеста на Вашата гингива или третманот на периодонталната болест зависи од неколку фактори, вклучувајќи ја и Вашата лична здравствена историја и фазата на заболување на гингивата.
Периодонталниот третман вклучува:
Во раните фази – кога е во прашање гингивит (воспаление на гингивата) – можеби ќе биде доволно само генерално професионало чистење од стоматолог. Притоа, ќе ви се дадат совети за тоа како можете да ги зачувате здрави вашите заби и гингивата.
Ако болеста на гингивата е повеќе од гингивит, првиот чекор во лекувањето на гингивата обично вклучува посебно длабинско чистење наречено киретажа (процес на отстранување на забниот камен до дното на секој пародонтален џеб) и мазнење на коренот, за да се овозможи гингивата и околното ткиво да се излечат и повторно да се прицврстат за забите. Овој третман обично бара трикратен третман (еднаш седмично), во зависност од фазата на заболувањето.
Покрај третманот, препорачуваме одредени лекови за да ја контролираме инфекцијата и да помогнеме во лекувањето. Може да ви се дадат таблети, инхалаторна терапија или може да се стават лекови директно во пародонталниот џеб после третманот.
Кај нас се користат ласерите како замена или дополнување на стандардните пародонтални процедури, а резултатите покажуваат дека долгорочно, ласерските терапии се поуспешни, бидејќи ласерските зраци се поефикасни при уништување на бактериите. Во споредба со традиционалните методи и хируршки инструменти, ласерските терапии се понежни, попрецизни и во многу случаи обезбедуваат безболно лекување, без примена на локална анестезија. Предноста на ласерите во третманот на пародонталните болести е тоа што ласерската светлина точно се насочува кон воспалените ткива, па со посебни завршетоци продираме во пародонтот, а ако е потребно се отстранува погоденото ткиво и невидливиот калкулус под работ на гингивата за да се елиминираат бактериите и она што предизвикува воспаление.
Понекогаш, киретажата, мазнењето на коренот и користењето на ласерот не се доволни сами по себе. Ако џебовите не се лекуваат доволно по киретажата и мазнењето на коренот, може да има потреба од дополнителна ласерска терапија на гингивата. Операцијата му овозможува на стоматологот да го отстрани плакот од тешко достапните области. По таков зафат, гингиата ќе биде зашиена за цврсто да се држи до забите. Операцијата помага да се намали длабочината на џебот и го олеснува чистењето на забите.
Како да ја одржувате здрава гингивата по третманот
Кога ќе се стави под контрола периодонталната болест, многу е важно постојано да се грижите за забите. Периодичното чистење, кое се препорачува по третманите, се нарекува одржување на периодонталната нега. Овие чистења се позасилени од стандардното чистење и помагаат гингивата да ја зачувате здрава. Вашето периодонтално одржување подразбира чистења кои се подлабински од нормалното професионално чистење. Со тоа количеството бактерии и плакот се намалува, воспалението се контролира, џебовите се намалуваат и гингивата станува поздрава.
Кога болеста ќе се стави под контрола, многу е важно да добивате дентална нега на одредени интервали. Така шансите за задржување на забите се многу поголеми. Во спротивно, болеста само ќе се влошува!
Нека не ве изненади доколку има потреба повеќе пати да не посетувате. Џебовите и другите проблеми со болеста на непцата ќе го отежнат чистењето на плакот од забите. Затоа, во договор со пациентот, ќе направиме план за третманот и ќе дадеме препорака за распоред за одржување, кој се базира на секој посебен случај. Откако ќе заздрави гингивата, ќе направиме распоред за одржување, врз основа на клиничките проценки на вашето здравје.
Можеби ќе ви требаат и специјални лекови што помагаат да се контролира инфекцијата и гингивата побргу да заздрави. Лекот може да биде таблета, специјална течност за плакнење на устата или пак лек што ќе го ставиме директно во џебот, веднаш по длабинското чистење.
Вашите заби и гингивата може да бидат чувствителни по третманот. Оваа болка може да направи да сакате да го избегнувате чистењето на третираните области. Но, важно е да ги следите нашите упатства при грижата дома! Ако плакот не е отстранет, може да се деградира коренот. Може да препорачаме посебна паста за заби или други третмани кои ќе ја намалат чувствителноста на забите.
Многу е важно забите да се чистат секој ден со четка и конец, особено ако лекувате периодонтална болест. Секојдневно мијте ги забите два пати, секој пат по две минути. Користете четка за заби со меки влакна и паста за заби со флуор. Флуорот е минерал кој помага во зачувување на забите. Чистете ги забите секој ден за да се отстрани плакот и остатоците храна меѓу забите. Ако гингивата е одвоена од забите, можеби е најдобро да се користат специјални мали четки или конец и да се чисти просторот меѓу забите. Препорачуваме редовно да употребувате соодветна течност за плакнење на усната шуплина.
Пушењето, џвакањето тутун, користењето електронски цигари и нанесувањето тутун директно на гингивата ве става во поголем ризик за рак и други животозагрозувачки болести. Користењето на тутун исто така може да ја влоши периодонталната болест и да го отежни лекувањето.